Државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија Станчевска Ѓоргова денеска се обрати на Завршниот настан на Твининг проектот „Зајакнување на институционалните капацитети во справувањето со кривични дела против културното наследство и животната средина“.
Во своето обраќање, државниот секретар ја истакна важноста на заедничкото и координирано дејствување на институциите во борбата против криминалот поврзан со културното наследство, нагласувајќи дека нелегалната трговија со културни добра претставува сериозна закана за културниот идентитет и владеењето на правото.
„Заштитата на културното наследство бара заедничка одговорност, силна институционална соработка и постојано унапредување на знаењата и капацитетите, во согласност со европските стандарди“, истакна државниот секретар.
Националната платформа за меѓуинституционална соработка беше посочена како клучен механизам за размена на информации и ефикасно заедничко дејствување, додека Твининг проектот беше оценет како значајна можност за размена на искуства и примена на најдобрите европски практики. Посебно беше истакната соработката со Командата на карабиниерите за заштита на културното наследство од Република Италија, чијашто експертиза даде значаен придонес во успешната реализација на проектот.
Таа додаде дека преку оваа соработка, вработените од Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство и установите за заштита стекнаа нови знаења и практични алатки за поефикасно справување со криминалот поврзан со културното наследство.
Според Станчевска-Ѓоргова во борбата за подигнувањето на јавната свест е подеднакво важно граѓаните да бидат свесни за вредноста на културното наследство и за штетата што ја предизвикува недозволената трговија, каде што особено важна улога имаат образованието и јавните кампањи.
Таа изрази уверување дека Националната платформа ќе прерасне во траен механизам на доверба и заедничка одговорност, каде институциите, експертите и граѓаните ќе делуваат обединето во одбрана на културното богатство.
На настанот се обратија и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вршителот на должност јавен обвинител, Анита Тополова-Исајловска, како и заменик шефот на Мисијата, г. Морено Зела.