Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Трибина во чест на 20 години постоење на КИЦ во Софија

Трибина во чест на 20 години постоење на КИЦ во Софија

„Стратешки цели и развој на културната дипломатија – улогата на културно-информативните центри“ беше насловена трибината која вчера се одржа во  просториите на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, а по повод значајниот јубилеј, одбележување на 20-годишнината од постоењето и посветено културно дејствување на центарот. Панелисти беа  директорите на македонските Културно-информативни центри во Загреб, Белград, Истанбул и Софија, Мими Ѓоргоска-Илиевска, Васко Шутаров, Диме Ратајкоски и Зоран Пејковски кои на настанот му дадоа меѓурегионално значење.

На трбината панелистите разменија мислења за актуелната и идната улога на македонските културно информативни центри во странство, со посебен акцент на нивниот придонес во унапредувањето на културната дипломатија, преку размена на искуства, предизвици и визии за развој.

Во завршниот дел на трибината, на кој присуствуваше и амбасадорката на Република Македонија во Бугарија, Агнеза Руси - Поповска,  посетителите го споделија својот впечаток за работата на Македонскиот КИЦ во Софија, истакнувајќи ја неговата посветеност, континуитет и искреност во мисијата за градење на културни мостови.

Успехот на македонските културно-информативни центри е резултат на континуираната и стратешка поддршка од институциите на државата. Визијата и заложбите на Владата на Република Македонија, заедно со посветената соработка од Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, создаваат стабилна основа за нивно дејствување. Благодарение на оваа системска поддршка, центрите се етаблираат како значајни, динамични и влијателни носители на македонската култура на меѓународната сцена.

По повод јубилејот, директорот Зоран Пејковски им додели признанија и благодарници на колегите-директори, со што уште еднаш беше потврдено дека културната дипломатија не е индивидуален напор, туку заедничка мисија.

Инаку од своето основање во 2005 година, КИЦ Софија е непрекинат промотор на македонската култура, организирајќи стотици изложби, концерти, книжевни вечери, филмски проекции и јазични програми.

Мени за пристапност