Со блескаво отворање, во саботата започнаа 54. Мајски оперски вечери, претворајќи ја сцената на Националната опера и балет во место каде што музиката, емоцијата и уметноста зборуваат со најсилен глас.
Традиционалното палење на фестивалскиот оган годинава го направи нашата светски реномирана оперска дива Ана Дурловски, со многу емоции на сцената, со бурни аплаузи и со воодушевување од публиката.
Годинашното отворање ќе остане запаметено како едно од најимпресивните во постоењето на фестивалот бидејќи првпат публиката имаше можност да проследи премиерна изведба на две оперски ремек-дела на Џакомо Пучини – „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“. Пред многубројна публика и проследен со бурни аплаузи, фестивалот уште еднаш ја потврди својата долгогодишна репутација како еден од најзначајните културни настани во регионот.
Следуваат вечери исполнети со врвни оперски и балетски изведби, незаборавни уметници и магија што ја носи мајската сцена. Публиката и оваа година ќе има можност да ужива во богата програма што ги обединува класиката и современиот сценски израз.