Работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик со Акциски план за периодот 2027 – 2031 година го одржа својот состанок, со што официјално започна процесот на подготовка на овој значаен стратегиски документ.
Работната група е формирана со Решение на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, а за координатор е назначена проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и претседател на Советот за македонски јазик.
Во нејзиниот состав се вклучени истакнати академици, универзитетски професори и научни истражувачи, како и претставници од релевантни државни институции, органи и агенции. Во процесот активно учествуваат и високообразовни и научни установи, здруженија и експерти од областа на македонскиот јазик, во рамките на своите законски надлежности.
Задачата на Работната група е да изготви сеопфатен нацрт-текст на Стратегијата, придружен со јасно структуриран Акциски план со конкретни активности, носители, временска рамка, финансиски проекции и индикатори за следење и евалуација.
Со Националната стратегија ќе се утврдат среднорочните цели и приоритети за доследна примена, заштита, унапредување и збогатување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како темелна вредност на националниот и културниот идентитет.