Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Средба на државниот секретар Марија С. Ѓоргова со директорот на Францускиот институт во Скопје

 Средба на државниот секретар Марија С. Ѓоргова со директорот на Францускиот институт во Скопје

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, денеска оствари работна средба со новиот директор на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер.

 

На средбата, одржана во исклучително плодотворна и конструктивна атмосфера, соговорниците досегашната културна соработка ја оценија како исклучително успешна. Беше истакната заедничката определба за развој на уште поголеми и покомплексни заеднички иницијативи со цел засилено претставување на македонската култура во Франција и на француската култура во нашата земја.

 

Иако меѓу македонското и француското министерство постои Договор за културна соработка, соговорниците отворија дискусија и за воспоставување нова формално-правна рамка која ќе ги конкретизира идните активности и ќе овозможи понатамошно продлабочување на културните врски. Со цел поефикасна реализација на договорените активности, ќе биде формирана и заедничка работна група составена од претставници на Министерството и на Францускиот институт.

 

Државниот секретар Ѓоргова изрази благодарност за поддршката на трите ТАИЕКС (TAIEX)-мисии,  од кои дел се веќе реализирани  и со кои се обезбедени обуки за наши стручни лица во областa на заштитата на културното наследство. Беше потврдено дека иницијативата ќе продолжи, со планови за нови мисии и дополнителни програми за јакнење на кадарот во доменот на културното наследство.

 

Посебен акцент беше ставен и на 2028 година, кога Скопје и францускиот град Бриж ќе бидат европски престолнини на културата. Соговорниците разговараа за можноста во пресрет на оваа значајна година, во 2026/2027 г. да се реализираат заеднички активности и проекти што ќе придонесат за поголема промоција на двата града и на двете култури.

 

Беше разгледана и иницијативата за организирање голема изложба на македонско културно наследство во Франција и можноста за воспоставување „сезона на македонската култура“ во Париз, со цел зголемување на видливоста на македонската култура и присуство на македонски уметници на француската културна сцена.

 

На средбата беа поздравени и активностите поврзани со членството на Македонија во Меѓународната организација на франкофонијата. Дополнително, а со оглед на тоа што надлежностите на нашето Министерство се проширени и со секторот туризам, беше отворена и темата за соработка во оваа област.

Мени за пристапност