Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Со документарецот „Приказната за Силјан“ започнува февруарската програма на Кинотеката

Со документарецот „Приказната за Силјан“ започнува февруарската програма на Кинотеката

Кинотеката на Македонија ќе ја почне февруарската програма со документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска. Од 2 до 7 февруари филмот ќе се прикажува од 18 и од 20 часот, а по една проекција ќе има и на 12, 13 и 14 февруари.

 

Програмата на Кинотеката на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања. Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, меѓу човекот и пејзажот, меѓу исчезнувањето и траењето.

 

Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа меѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. „Приказната за Силјан“ е филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна, соопшти Кинотеката.

 

Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш – „Татко, мајка, сестра, брат“. Во европската селекција се филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромерија“.

Мени за пристапност