НУ Национална галерија на РС Македонија – Скопје склучи Меморандум за културна соработка со Музејот на современа уметност од Белград (Република Србија).
Меморандумот за културна соработка е потпишан на неопределено време меѓу Маријана Колариќ, директорка на Музејот на современа уметност на Република Србија, и Али Синани, директор на Националната галерија на Република Северна Македонија.
Предмет на овој меморандум е меѓусебна поддршка и соработка меѓу Музејот на современа уметност од Белград и Националната галерија на Република Северна Македонија, со цел заштита и презентација на културното наследство на современата уметност, за градење капацитет и едукација на стручниот персонал од двете институции.
Соработката вклучува реализација на поединечни и заеднички програми во согласност со можностите на обете страни, а ќе се преговара за соработка околу секоја активност поединечно.
За првпат една национална установа на Република Северна Македонија, во овој случај Националната галерија, потпишува меморандум за културна соработка од овој тип. Како резултат на воспоставената соработка, ви ја најавувавме самостојната изложба на акад. професор Жарко Башески, закажана за годинава токму во изложбениот простор на Музејот на современа уметност во Белград.
Возвратно, ја најавуваме и самостојната изложба на ликовниот уметник од Белград Мрѓан Бајиќ, закажана за 2027 година во Националната галерија на Македонија.