На 31 јануари и 1 февруари 2026 година во просториите на „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи дводневен саем посветен на руралниот, одржливиот и креативниот туризам во Македонија.
Саемот ќе обедини рурални домаќинства, мали и автентични винарници, како и агрономски и рурални туристички субјекти од целата земја, кои нудат сместувачки капацитети, туристички програми и автентични искуства засновани врз локалната традиција, природните ресурси и културното наследство.
Посетителите ќе имаат можност одблизу да се информираат за сместувачки капацитети со мал обем, можности за подолг престој во рурална средина, активности во природа, едукативни и гастрономски програми, како и за организирани настани наменети за различни целни групи, вклучително деца, млади и возрасни, домашни и странски посетители.
Во рамките на саемот ќе бидат презентирани и органски производи, традиционални преработки, локални деликатеси, вина и ракии од различни региони на земјава, со цел промоција на локалното производство и директно поврзување на посетителите со производителите.
Настанот е дел од пошироките активности на Министерството за култура и туризам насочени кон развој и унапредување на одржливи туристички модели кои ја поттикнуваат локалната економија, го вреднуваат културниот идентитет и создаваат подлабоко и долготрајно туристичко искуство.
Министерството за култура и туризам продолжува да поддржува иницијативи кои го вреднуваат локалното, го поттикнуваат одржливиот развој и ја зајакнуваат туристичката понуда на Македонија.
Влезот за посетителите е слободен.