По претставувањето на „Простори на конјукција“ во културно-информативните центри на РС Македонија во Софија, во Белград и во Истанбул, проект на Националната галерија од областа на меѓународната соработка, како последна дестинација е Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Република Хрватска. Директорката на Центарот, Мими Ѓоргоска-Илиевска, и директорот на Националната галерија, Али Синани, ќе се обратат на отворањето, ќе ја воведат публиката во контекстот на проектот и ќе ги претстават авторите на уметничката компилација со наслов „Простори на конјукција – Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија“. Учесници во изложбата се: Роберт Јанкулоски, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, и Марија Сотировска.
Отворањето на изложбата во Македонскиот центар во Загреб е закажано за 16 декември 2025 г. во 19 ч., а ќе биде поставена до крајот на годината.
Проектот „Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“.
Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното.
„Простори на конјункција (спојување)“ е повеќеслојна мултимедијална мрежа што инсистира на активен гледач и коавторство. Секој што влегува во овие простори, влегува во релација со фрагментите – распарчените траги на интимното, архивирани во материјали што постојано се обидуваат да се спојат во нова целина.