Вечер во 19 часот во Македонскиот културно-информативен центар во Белград ќе биде промовирана стихозбирката „Ткажалки“ од Александра Јуруковска, добитничка на наградата „Даница Ручигај“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2025 година.
Настанот ќе се одржи како разговор со авторката, а ќе го води новинарката Сребра Ѓорѓијевска.
„Ткажалки“ е поетски првенец составен од триесетина песни. Критиката го препознава како дело што воспоставува мост меѓу личното и универзалното, со суптилна ангажираност и женски отпор, сведоштво и борба против заборавот.
Александра Јуруковска е книжевна критичарка, новинарка и промоторка на културата. Авторка е на повеќе книги и над 25 години е активна на македонската книжевна и културна сцена.
На 6 октомври, Јуруковска и Ѓорѓијевска ќе учествуваат и на панел-дискусија за видливоста на културата во македонскиот и во српскиот контекст, што ќе ја води директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров.