Музејската едукативна сликовница „Македонките во битка – вистински приказни“, од авторките Ана Вишинова, музејски едукатор, и Даниела Митевска, кустос, ќе биде промовирана денеска во Музејот на македонската борба за самостојност, со почеток во 12 часот.
Посветена е на македонските жени – ајдутки, комитки и партизанки, жени кои никогаш не биле пасивни набљудувачи на историјата, туку активни учесници во борбата за човекови права и слобода. Сликовницата ги става во фокусот улогата и значењето на жените, што не се сведуваат само на убавина, истрајност, пркос и храброст, туку и на нивната способност да се вклучат во борбата и да влијаат врз клучните цивилизациски процеси.
Изданието е инклузивно четиво на македонски и на англиски јазик наменето за збогатување на дополнителните материјали за наставата по историја, и е продолжение на претходните изданија: „Зад големата мисла“ (2019), посветено на создавањето на МРО и „Пламен и непокор“ (2022), посветено на Илинденското востание.