Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја отвори изложбата „Архивски документи“ на Жанета Вангели во македонскиот КИЦ во Загреб

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја отвори изложбата „Архивски документи“ на Жанета Вангели во македонскиот КИЦ во Загреб

Во македонскиот КИЦ во Загреб свечено беше отворена изложбата на македонската Национална галерија, „Архивски документи“, од светски признатата македонска уметница Жанета Вангели.

 

На настанот присуствуваа македонскиот амбасадор, Н.Е. Драган Ѓурчевски, многубројни гости – претставници на македонски и на хрватски институции и организации, дипломатскиот кор, загрепчани, Македонци што живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски професори, како и претставници на државната и на локалната власт во Република Хрватска.

 

Претседателката Сиљановска-Давкова рече дека преку специфичниот визуелен јазик и концептуален пристап, Вангели потврдува дека македонската културна сцена има што да понуди на европскиот културен простор.

 

Изложбата не е само уметничко доживување, туку и длабоко промислување на историјата, идентитетот и меморијата. Ваквите настани ја потенцираат моќта на културната дипломатија, а македонскиот КИЦ во Загреб продолжува да биде место каде што македонскиот дух и креативност се среќаваат со пријателската хрватска јавност.

 

Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, додаде дека присуството на претседателката претставува силна поддршка на македонската култура и уметност на меѓународно ниво и ја потенцира важноста на културната дипломатија како инструмент за градење пријателство, разбирање и соработка меѓу народите.

 

Директорот на Националната галерија, Али Синани, нагласи дека изложбата „Архивски документи“ е првиот програмски проект на Националната галерија за 2026 година и дека честа е голема што ќе биде отворена во македонскиот КИЦ во Загреб од претседателката.

 

Изложбата претставува ново авторско истражување на Вангели. Преку архивските документи, таа евидентира различни претстави на духовна слобода и ја повикува публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното време.

 

Ова е прво претставување на Вангели пред хрватската публика, со вкупно 41 дело изработени во техника принт на плексиглас и придружни аудиоматеријали. Проектот е замислен како патувачка изложба, која ќе биде поставена и во културните центри во Белград, Истанбул и во Софија, поддржан од Министерството за култура и туризам.

 

Изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб ќе биде отворена за посетители до 10 април.

 

Мени за пристапност