Театарот за деца и младинци од Скопје утревечер во 19 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Садако сака да живее“, во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ од Хрватска, работена според мотиви од истоимениот роман на Карл Брукнер.
Претставата е инспирирана од вистинската приказна за Садако Сасаки – девојчето од Хирошима кое, по трагичните последици од атомската бомба, стана светски симбол на мирот, надежта и волјата за живот. Низ емотивна приказна, претставата го истражува сеќавањето на едно девојче кое, и покрај тешката судбина, до последниот момент верувало во животот, во љубовта и во надежта.
„Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот – за радоста, упорноста и човечката сила што се спротивставува на темнината. Инспирирана од вистински настани, претставата е посветена на сите деца настрадани во војни и претставува силно потсетување на значењето на мирот и човечката солидарност.
Во претставата настапуваат: Анастасија Ласовска во улогата на Садако, Никола Наковски како Шигео, Ана Левајковиќ-Бошков во улогата на мајката, Катарина Илиевска-Силјановска како таткото, Изабела Новотни во улогата на бабата и Марија Ѓорѓијовска во улогите Господин Војна / Госпоѓа Леукемија.