Театар Штип ја најавува премиерата на новата претстава „Хаос“, работена по мотиви од текст на Мика Милиахо, во режија на Александар Ивановски.
„Хаос“ е современа драма која преку силни ликови и напната атмосфера ги истражува човековата состојба, односите и границите на моралното и општествено прифатливото. Преку интензивни дијалози и психолошка длабочина, претставата ги отвора прашањата за кршливите човечки односи, моралните дилеми и притисокот на општествените норми.
Три жени. Три животи. Еден момент кога сѐ почнува да се распаѓа. Софија, Јулија и Еми се пријателки кои се обидуваат да останат силни во свет полн со притисок, очекувања, работа, љубов и стравови, но кога секојдневието излегува од контрола, нивните животи влегуваат во вистински хаос.
Во претставата играат Ава Хусеини како Софија, Марија Минчева Андонов како Јулија и Кристина Атанасова Арсова како Еми. Посебен предизвик за актерките е тоа што, покрај главните ликови, ги толкуваат и сите други улоги, носејќи ја публиката низ богат спектар на емоции, состојби и трансформации.
„Хаос“ е претстава за стресот, осаменоста, пријателството и борбата да се остане нормален кога сè околу нас се урива — приказна за секој што некогаш почувствувал дека не може повеќе, а сепак продолжил понатаму.
Премиерата ќе се одржи на 4.4.2026 година со почеток во 20:00 часот на сцената на Театар Штип.