Македонскиот КИЦ во Загреб со изложбата „Поздрав од Македонија“ го одбележа големиот јубилеј – 60 години од Меѓународната смотра на фолклорот Загреб. Изложбата, реализирана во соработка со организаторите на Смотрата, претставува избор на фотографии од македонски фолклорни групи кои низ децениите настапувале на оваа престижна меѓународна манифестација. Авторки на изложбата се Ивона Опетческа Татарчевска и Бојана Пољаковиќ Поповиќ, кои преку истражување на дигиталната архива на Смотрата ги прикажуваат богатството и разновидноста на македонскиот фолклор.
На свеченото отворање присуствуваа претставници на институции, дипломатскиот кор, културни работници, македонски здруженија и голем број Македонци кои живеат во Хрватска, а во музичкиот дел настапи етновокалната група „Езерки“ од Загреб. Пред присутните се обратија директорката на КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, уметничкиот директор на Смотрата, Твртко Зебец, како и авторките на изложбата.
Изложбата ја отвори амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, кој ја нагласи важноста на културната дипломатија и континуираното, автентично претставување на македонскиот фолклор на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб, истакнувајќи дека Македонскиот КИЦ во Загреб е значаен мост за културно поврзување меѓу Македонија и Хрватска.