Денес, во просториите на Министерството за култура и туризам, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик и Советот за македонски јазик.
Овие институции задолжени за грижа за македонскиот стандарден јазик, пристапија кон воспоставување партнерство во рамките на своите законски надлежности, со потпишување на Меморандум за соработка.
Водејќи се од уставната определба за заштита и унапредување на македонскиот јазик, законските надлежности што произлегуваат од Законот за употребата на македонскиот јазик, заедничката цел за подигнување на јазичната култура, јакнење на употребата и афирмацијата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, овие институции, се согласија за воспоставување транспарентна, ефикасна и меѓусебно корисна соработка.
Целта на овој Меморандум е да се зацврсти и да се продлабочи соработката меѓу Советот за македонски јазик и Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, со што значајно ќе се придонесе за подобрување на состојбата во употребата на македонскиот стандарден јазик во практиката и почитување на Законот за употребата на македонскиот јазик.
Овој Меморандум за соработка беше потпишан од страна на проф. Д-р Симоне Груевска Маџоска, претседател на советот за македонски јазик и Менка Андреева, директор Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик и претставува рамка за развивање на техничко-оперативната соработка помеѓу страните, чија цел е вмрежување, координација и поддршка во областа на примената на стандарднојазичната норма.
Со овој договор, Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик се обврзува да постапува самостојно, независно и согласно со законските овластувања и да доставува материјали потребни за стручно разгледување, во јасна и комплетна форма, додека Советот за македонски јазик се обврзува да дава стручни мислења во рамки на своите законски надлежности, да постапува навремено, во рокови поврзани со инспекциските постапки, кога тоа е изводливо.
Со ова двете страни ќе соработуваат во насока на унапредување и стандардизација на јазичната практика.
Министерството за култура и туризам, како надлежно министерство, ја поддржува работата на овие две институции и континуирано се залага за остварување на заедничката цел за подигнување на јазичната култура, како ни за јакнење на употребата и афирмацијата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.