Вчера во Вашингтон беше потпишан Договор меѓу Владата на Соединетите Американски Држави и Владата на Република Северна Македонија во врска со воведување увозни ограничувања за категории на археолошки и етнолошки материјали од нашата држава.
Договорот го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау.
Договорот има исклучително значење и претставува важен инструмент за спречување на нелегалната трговија, односно незаконското изнесување на културното наследство на Република Северна Македонија. Културното наследство со кое располага нашата држава има непроценлива вредност, а во таа насока постои јасна обврска и одговорност за зачувување на неговиот изворен контекст, унапредување на неговата заштита и намалување на сите ризици на кои може да биде изложено, особено во делот на неговата безбедност.
Билатералниот договор со САД претставува можност за размена на искуства и добри практики со цел унапредување на системот за ефикасна заштита од недозволени ископувања, кражби, присвојувања, недозволена трговија со културни добра, криумчарење и незаконско изнесување на културни добра од територијата на нашата држава.
Овој договор, кој подолг период се усогласуваше преку Министерството за култура и туризам и Амбасадата на САД, претставува потврда на меѓусебната доверба и стратешкото партнерство меѓу двете земји. Воедно, тој е израз на заедничката заложба за заштита на националниот фонд на културни добра, кој претставува дел од светската културна ризница и значајна цивилизациска вредност.