Актерот Петре Арсовски е годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува за исклучителен придонес кон македонската кинематографија.
Наградата ќе му биде врачена на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кое ќе се одржи на 19 септември во Битола.
Со повеќе од пет децении присуство пред филмската камера, Петре Арсовски е едно од препознатливите актерски лица на македонската кинематографија. Неговата кариера започнува во раните седумдесетти години и се протега низ различни периоди од развојот на македонскиот филм, оставајќи зад себе голем број улоги кои се дел од неговата историја.Тој остави значаен белег во македонската кинематографија, остварувајќи бројни улоги во филмови како „Македонскиот дел од пеколот“, „Јад“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Трето полувреме“ и многу други.
Со ова признание, ДФРМ му оддава почит за неговиот исклучителен и траен придонес во развојот на македонскиот филм.