Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција, како признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда, „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како центар на врвната уметност, со програма што ги обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.
– Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот.
Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа – вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив за во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се даде простор за најдобрите домашни уметници.