Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид е добитник на престижната награда за најдобар словенски локалитет во рамките на наградата „Жива“ 2025. На свечена церемонија што се одржа во Културниот центар во Требиње, Република Српска, наградата, која веќе единаесет години ја доделува Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, ја прими директорот Горан Патчев во придружба на колегата Сашо Блажески.
„Оваа награда е признание за напорите во заштитата и толкувањето на огромниот културен пејзаж околу езерото, кој претставува единствен пример за интеракција меѓу природата и човечката активност“, се вели во образложението на жирито за наградата.
Добитник на наградата за најдобар словенски музеј оваа година е Хрватскиот природонаучен музеј, Загреб, Хрватска.
Наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј и најдобар словенски локалитет на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ е именувана по словенската божица Жива, која симболизира живот, виталност и плодност.
Таа е единствена културна платформа што ги поттикнува соработката и вмрежувањето на музејските институции од словенските земји, ја потврдува разновидноста на културното наследство, укажува на заедничките корени, но и на специфичните вредности на словенскиот свет. Денес мрежата на „Форумот на словенските култури“ опфаќа речиси 250 музеи и локалитети низ 13 словенски земји.