Од 3 до 6 јули 2026 година, Охрид ќе биде домаќин на јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, најстарата меѓународна фолклорна манифестација на Балканот, која над шест децении ги негува и ги промовира традицијата, културното наследство и фолклорната уметност.
Свеченото отворање ќе се одржи на 3 јули, со почеток во 20:30 часот, во големата сала на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, со настап на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“.
Во текот на четирите фестивалски вечери, публиката ќе има можност да проследи настапи на фолклорни ансамбли кои преку музика, песна и игра ќе ги претстават богатите традиции на своите земји.