Со буџет од 25 милиони евра, „Културата ја движи Европа“ ќе поддржи околу 7 000 уметници, културни професионалци и организации домаќини во периодот од 2025 до 2028 година.
„Културата ја движи Европа“ е акција финансирана од програмата Креативна Европа на Европската Унија и се спроведува од страна на Гете-институтот (Goethe-Institut). Таа обезбедува финансиска поддршка за уметници и културни професионалци за патување и реализирање проект во друга земја што е дел од Креативна Европа.
Кој може да аплицира?
Повикот е отворен за уметници и културни професионалци кои:
· легално живеат во една од земјите учеснички во програмата Креативна Европа, вклучувајќи ги и прекуокеанските земји, како и најоддалечените региони;
· имаат 18 години или повеќе;
· се активни во еден од следниве сектори: архитектура, културно наследство, дизајн и моден дизајн, литература, музика, сценски уметности и визуелни уметности. Не се бара одредено ниво на искуство.
Повикот за индивидуална мобилност овозможува аплицирање на поединци или групи до 5 лица.
Што опфаќа финансиската поддршка?
Грантот опфаќа три основни компоненти со однапред утврдени паушални суми, и тоа:
– трошоци за патување;
– дневен надоместок;
– сите релевантни дополнителни средства или поддршка за пристапност за лица со попреченост (или и двете.)
Поддршка за пристапност за апликанти со попреченост
Поддршката за пристапност за лица со попреченост опфаќа фиксен износ на трошоци по ден, за целото времетраење на проектот. Нејзината намена е да помогне во покривање на дополнителните трошоци поврзани со потребите за пристапност и на тој начин да им овозможи учество во програмата на апликантите со попреченост.
Исто така, за трошоци поврзани со личен асистент или преведувач на знаковен јазик, кои се неопходни за спроведување на проектот, може да се обезбеди дополнителна поддршка доколку се приложи соодветна документација.
Кога да се аплицира?
Повиците на „Културата ја движи Европа“ функционираат на континуирана основа. Ова значи дека постојат месечни рокови за пријавување, а евалуацијата се врши на крајот од секој месец во периодот на отворени повици.
Овој повик е отворен од 1 октомври 2025 до 30 април 2026 година, до 23:59 часот по средноевропско време (CET).
Апликантите чии проекти ќе бидат одобрени ќе имаат 6 месеци за нивна реализација, сметано од денот на потпишување на договорот за грант.
Повеќе информации за овој повик и за апликацијата за индивидуална мобилност може да најдете тука
Релевантни линкови
Дознајте повеќе за „Културата ја движи Европа“ тука
 
                                     
                                    