Вечер во 19:00 часот во Ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе биде отворена изложбата „Од утопија до ентропија 83/26“ од уметникот Златко Крстевски, на која ќе бидат претставени 30 слики масло на платно.
Изложбата претставува визуелно преиспитување на односот помеѓу архитектурата, природата и современите климатски промени, движeјќи се од утописки форми кон нивна деструкција. Преку делата се отвора прашањето за влијанието на човекот врз природата и потребата од промена на свеста и начинот на живеење.
Златко Крстевски, покрај сликарството, се занимава и со авторски стрип, карикатура и мејл-арт. Има изложувано во повеќе земји, меѓу кои: Полска, Тунис, Турција, Словенија, Украина и Србија, и е добитник на повеќе меѓународни награди.