Националниот џез-оркестар ќе одржи концерт заедно со гудачкиот ансамбл на Националната опера и балет на 30 јануари во 20 часот на сцената на Македонската филхармонија. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на: Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов, на саксофон и флејта, и Бојан Цветковиќ, на пијано.
Гостин на вечерта ќе биде Георги Шарески, гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез-оркестар ја започнува новата концертна сезона.