В среда, 19 ноември, Македонскиот народен театар ќе гостува на сцената на престижниот Националниот театар (Nemzeti Színház) во Будимпешта, Унгарија, со наградуваната претстава „Ничија земја“.
Гостувањето е значаен исчекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции, како резултат на Меморандумот за соработка што го потпишаа директорите Никола Кимовски од МНТ и Атила Видњански од Националниот театар во Будимпешта. Веќе следната година напролет, унгарскиот Национален театар ќе возврати посета со гостување во МНТ.
Претставата „Ничија земја“ во Будимпешта ќе се одигра во 19 часот, а по изведбата ќе се одржи „Сесија разговори“ (Q&A) меѓу македонските актери и публиката. По дискусијата, Националниот театар ќе организира пригоден коктел за целата македонска екипа.
За време на посетата, директорот Кимовски ќе има и официјален прием кај директорот на Националниот театар, Атила Видњански, за зацврстување на понатамошната соработка и развивање нови културни проекти меѓу двете институции.
Публиката во Будимпешта ќе има можност да ја проследи претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов и во изведба на актерскиот ансамбл: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.