Претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар, ја освои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Театарски денови на Бора“ (Борини позоришни дани) во Врање.
Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.
Во претставата со брилијантна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“. Веќе четири и пол децении, овој фестивал претставува значајно културно обележје на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различна естетика и културни вредности.