Македонскиот народен театар на 5 јуни ќе гостува во Дубровник, Република Хрватска, со претставата „12“, во театарот „Марин Држиќ“. Гостувањето следува по успешните изведби во Црна Гора и во Босна и Херцеговина и претставува продолжување на регионалната афирмација на македонската театарска уметност.
Претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов, е работена по мотиви на култното дело „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз и е едно од најгледаните остварувања на репертоарот на МНТ. Во претставата настапуваат: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Сенко Велинов, Дамјан Цветановски, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Со ова гостување, МНТ ја продолжува културната соработка со значајни театарски институции од регионот и ја промовира македонската театарска сцена пред регионалната публика.