Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерството за култура и туризам со национален штанд на 47. Меѓународен саем за туризам во Белград

Министерството за култура и туризам со национален штанд на 47. Меѓународен саем за туризам во Белград

Министерството за култура и туризам учествува на 47-от Меѓународен саем за туризам „Belgrade Tourism Fair 2026“, кој под мотото „Едно патување, илјада приказни“, од 19 до 22 февруари се одржува во Белград, Р Србија. 

 

На македонскиот национален штанд, покрај Министерството, присутни се и претставници од приватниот туристички сектор, хотелската индустрија и ХОТАМ, како и општините Гевгелија, Крушево, Струга, Ресен, Охрид и Дојран. Со заедничко претставување, институциите и туристичките чинители испраќаат јасна порака за координиран и партнерски пристап во промоцијата на македонската туристичка понуда.

 

Српските туристи се традиционално едни од најмногубројните гости во нашата земја. Во текот на изминатата година, Македонија ја посетиле повеќе од 73 000 туристи од Република Србија, кои оствариле над 150 000 ноќевања. Најчесто ја избираат охридската ривиера како примарна дестинација, додека значителен дел од нив се транзитни туристи кои ги посетуваат Гевгелија, Дојран, винскиот регион и Крушево.

 

Настапот на Саемот во Белград има стратешка цел – дополнително зацврстување на позицијата на Македонија на српскиот пазар, како и создавање услови за продолжување на престојот на српските гости за најмалку еден ден. Во таа смисла, се промовираат тематски туристички пакети кои комбинираат езерски, гастрономски, вински, културен и рурален туризам, како и викенд-аранжмани и кружни тури што поврзуваат повеќе дестинации во земјата.

 

Саемот претставува еден од најзначајните туристички настани во регионот, со очекувано учество на над 415 изложувачи од повеќе од 30 земји и над 30 000 посетители. Во рамките на Саемот се организираат и B2B средби, со над 550 однапред закажани деловни состаноци, насочени кон конкретни договори и резервации за претстојната летна туристичка сезона.

 

Со присуство на Саемот, Министерството за култура и туризам ја потврдува својата посветеност за континуирана промоција на туристичките потенцијали на земјава, за  продлабочување на регионалната соработка и за унапредување на туристичката понуда во согласност со современите трендови и потребите на пазарот.

Мени за пристапност