Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, во врска со одлуката на Уставниот суд со која се укинува Колективниот договор за култура во целина, како и членот 78љ од Законот за културата, уште од утре ќе ги повика претставниците на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) и на СОНК на средба, со цел во наредниот период да се интензивира социјалниот дијалог и заеднички да се работи на изнаоѓање прифатливо и одржливо решение за регулирање на статусот и правата на културните работници и уметниците.
Министерот Сулејмани смета дека трудот, професионалниот ангажман и придонесот на вработените во културата мора да бидат соодветно вреднувани и дека во процесот што следува треба да се изнајде решение со кое нивните права и интереси ќе бидат соодветно заштитени.
Во таа насока, Министерството за култура и туризам ќе продолжи со засилен интензитет да го води социјалниот дијалог со синдикатите, при што ќе бидат разгледани сите законски можности за утврдување на најсоодветниот модел и склучување нов Колективен договор за културата, во рокот определен со одлуката на Уставниот суд.
Заложбата на Министерството е преку отворен дијалог, партнерски однос и конструктивна соработка да се дојде до заедничко прифатливо решение што ќе обезбеди правна сигурност, заштита на правата и соодветно вреднување на трудот на сите културни работници и уметници.