Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Македонскиот КИЦ во Загреб востановува Фестивал на современата македонска книжевност

Македонскиот КИЦ во Загреб востановува Фестивал на современата македонска книжевност

Од 5 до 7 ноември 2025 година во Македонскиот КИЦ во Загреб, Хрватска, ќе се одржи првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност.

Македонскиот КИЦ во Загреб, во рамките на својата Годишна програма, а во соработка со реномираната македонска издавачка куќа Македоника литера“ од Скопје, од оваа година востановува книжевен фестивал кој треба да придонесе за афирмација и за продлабочување на македонско-хрватските културни врски, а особено на соработката на полето на книжевноста. Фестивалот ќе отвора нови можности за континуирано (годишно) претставување на современата македонска книжевност, македонската издавачка дејност, македонски писатели, издавачки куќи, како и на македонско-хрватските релации и за застапеноста на хрватските автори на македонски јазик и на македонските автори на хрватски јазик во издавачката дејност.

На првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност ќе учествуваат македонски и хрватски еминентни и реномирани автори, преведувачи, уредници и издавачи. Во рамките на годинашната фестивалска програма, на отворањето ќе биде поставена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност Македоника литера“, кое досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност. Во присуство на авторите ќе бидат промовирани и книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик.

Во наредните фестивалски денови ќе бидат претставени изданијата: К. Рацин: „Бели мугри“ – фототипно издание, македонското издание на книгата на акад. Горан Калоѓера: „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“, книгата раскази „Ви раскажував ли?“ од проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, а ќе се одржи и трибина на тема Македонско-хрватските културни врски низ призмата на книжевниот превод. За последната вечер на Фестивалот е предвидена средба со познатите и најчитани хрватски писателки за деца, Сања Пилиќ и Силвија Шесто, и претставување на нивните книги „За мајките сè најдобро“ и „Ванда“, преведени на македонски јазик и неодамна публикувани од „Македоника литера“.

Самиот концепт на Фестивалот има цел да ја претстави пред хрватската книжевна и културна јавност современата македонска книжевна продукција преведена на хрватски јазик и современата хрватска книжевна продукција преведена на македонски јазик. За остварување на оваа примарна цел ќе се одржуваат повеќе настани преку кои хрватската книжевна публика би имала приказ и увид во поврзаноста на македонската и хрватската книжевна продукција остварена преку книжевниот превод. Фестивалот на современа македонска книжевност ќе опфаќа повеќе активности (промоции на книги, изложба, портрети на писатели и трибина) и ќе трае три дена.

 

Мени за пристапност