Македонскиот културно-информативен центар во Софија на 26 септември ќе се вклучи во одбележувањето на Европскиот ден на јазиците, со учество на традиционалниот Саем на јазиците. Настанот ќе се одржи од 10:30 до 13:30 часот пред Народниот театар „Иван Вазов“.
На македонскиот штанд, македонскиот јазик ќе го претстави поетот, преведувач и книжевен рецензент Душко Крстевски, а посетителите ќе имаат можност да добијат и печатени изданија на македонски јазик. Манифестацијата се организира во партнерство со Бугарската академија на науките, EUNIC, јазични и културни институции, конзулати и амбасади.