„Благоја Маневски: 40 години творештво“ е насловот на ретроспективната изложба што вечер во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје.
Изложбата го претставува творечкиот пат на Благоја Маневски (1957) од 1985 до 2025 година, обединувајќи дела од сликарството, објектот, инсталацијата, фотографијата, цртежот и перформансот. Неговото творештво се карактеризира со постојано истражување, експериментирање и преиспитување на границите на уметничкото дело, со особен акцент на материјата, просторот и личното искуство.
Маневски учествувал во значајни национални и меѓународни уметнички контексти, меѓу кои „Југословенски документи“, Биеналето на млади југословенски уметници во Риека и Венециското биенале.
Куратори на изложбата се Лилјана Неделковска и Натали Рајчиновска-Павлеска, а координатор е Благоја Варошанец. Во рамките на изложбата е објавено и монографско издание посветено на авторот.