Оркестарот на Македонската филхармонија вечер ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени, „Музикферајн“, во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот. Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80-годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу Австрија и Македонија.
На концертот во Виена како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и „Симфонија бр. 8“ од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој меѓу македонската музичка традиција и фолклор и европската класика.