Со доделувањето на наградите „Камера 300“ и македонската премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, вечер во Битола свечено ќе биде затворено 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Филмот е политички трилер со елементи на црна комедија, а во главните улоги настапуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, со Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски во актерската екипа.
Со вечерната церемонија и доделувањето на фестивалските признанија, официјално ќе заврши годинашното издание на „Браќа Манаки“, кое и оваа година понуди богата филмска програма и многубројни филмски и професионални содржини.