На 2 октомври во 20:00 часот во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на дигитално реставрираниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967, режија: Трајче Попов), како дел од проектот „Сезона на филмски класици“.
Проекцијата на оваа класика е особено значајна бидејќи на домашната публика ѝ овозможува повторно да го доживее филмот во неговата обновена, дигитално реставрирана верзија, а на младите генерации да се запознаат со еден од најрепрезентативните примери на македонската филмска традиција. Со цел да се овозможи поширока достапност, филмот во исто време ќе биде емитуван во живо преку јутјуб-каналот на Кинотеката, овозможувајќи ѝ на публиката надвор од Скопје и од Македонија да го проследи ова значајно културно случување.
Овој значаен настан е дел од европскиот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season of Classic Films) – иницијатива на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinémathèques Européennes – ACE), поддржана од програмата „Креативна Европа“ – МЕДИА на Европската Унија. Во рамките на овој проект, Кинотеката ги дигитализираше и дигитално ги реставрираше филмовите: „Мирно лето“, „Фросина“, „Мементо“ и „Мис Стон“, како и кратките етнолошки филмови: „Мариовска свадба“, „Велигденски обичаи“ и „Русалиски обичаи“.