Креативни работилници за реконструкција на римски социјални игри и оружје се одржуваат на археолошкиот локалитет Стоби. Работилниците се под водство на м-р Василка Димитровска, археолог и сертифициран тренер за интерпретација на наследство. Тие се дел од поширокиот концепт на „Оживеана историја“, чија цел е да се внесе нов живот во практиките од минатото и да се изгради мост меѓу науката, образованието и јавноста. Во процесот активно се вклучени и археологот Иван Илиќ од Србија и Дамјан Серафимовски од Музејот на град Скопје. На овој начин, Стоби прераснува во отворена сцена каде што историјата не само што се изучува туку се доживува и чувствува.
Дел од реконструираните елементи ќе бидат интегрирани во едукативните програми на „Storytelling Macedonia“, преку кои наследството се доближува до современата публика со наративна интерпретација, практични активности и директно искуство.