Со концерт посветен на 150-годишнината од раѓањето на шпанскиот композитор Мануел де Фаља, македонскиот Културно-информативен центар во Загреб ја заокружи својата концертна сезона.
Пред бројната публика настапи Дуото Бадивуку-Кастратовиќ, составено од виолинистката Сихана Бадивуку и пијанистката Маја Кастратовиќ, кои изведоа дела од Мануел де Фаља, негови современици и од македонскиот композитор Тома Манчев.
На концертот присуствуваа претставници на македонските и хрватските институции, дипломатскиот кор, како и бројни љубители на класичната музика. Со овој настан КИЦ – Загреб уште еднаш ја потврди својата улога во промоцијата на македонската култура и музичко творештво пред меѓународната публика.