Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

КИЦ Белград со триото „Нова“ организира музички концерти во Белград и во Нови Сад

КИЦ Белград со триото „Нова“ организира музички концерти во Белград и во Нови Сад

Македонскиот културно-информативен центар во Белград, со поддршка од Министерството за култура и туризам, организира концерти со новоформираното трио „Нова“, составено од веќе меѓународно афирмирани македонски музички уметници: бас-баритонот Иван Наумовски, Јордан Петрушевски на пијано и Ѓорѓи Петрушевски на обоа и англиски рог.

Првиот од двата предвидени концерти во Р Србија, со наслов „Медитеранска ноќ“, ќе се реализира денеска во 21 часот во Културниот центар Белград, во галерискиот простор АРТГЕТ, а вториот концерт е планирано да се одржи утре, 7 јули, во 20 часот во Културниот центар Нови Сад со почеток во 20 часот. И на двата концерта пред белградската и новосадската публика, македонските уметници ќе ги поздрави и ќе ги претстави директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров.

За концертите, за кои публиката во Србија покажува значаен интерес, предвидена е програма во која ќе бидат изведени познати дела од: Клод Дебиси, Астор Пјацола, Франческо Паоло Тести, Едвард Елгар, Нино Рота, Енио Мориконе, Едуардо ди Капуа, Консуело Веласкез, Агустин Лара, Алфонс Вајндорф, Карл Милекер и Франц Лехар, како и блок со обработки на познати македонски народни песни, како што се: „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, „Кажи, кажи либе Стано“, „Јовано, Јованке“ и „Македонско девојче“.

Мени за пристапност