Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, викендов присуствуваше на традиционалната манифестација „Денови на националните малцинства на Град Загреб“, која е исклучително значајна за културен дијалог, меѓусебно запознавање, како и за зачувување и промоција на македонскиот јазик, култура и традиција во Хрватска. Викендов од Зрињевац беше испратена силна порака за единство, почитување и за богатството на различностите што го обликуваат идентитетот на градот Загреб и Република Хрватска.
На манифестацијата беа претставени часовите на јазиците на националните малцинства во Загреб, а во програмата учествуваа и учениците што го изучуваат македонскиот јазик во основните и во средните училишта во Загреб. Честитки за континуираната посветеност на наставничките по македонски јазик во негувањето на јазикот како основа за зачувување на идентитетот и културното наследство на македонската заедница во дијаспората, како и за нивниот значаен придонес во мултикултурниот соживот во Загреб.
Во рамките на манифестацијата, меѓу 16-те национални заедници на градот Загреб, во организација на Советот на македонското национално малцинство на град Загреб, на македонскиот штанд беше претставен дел од богатата македонска традиција, обичаи, фолклор, а посетителите имаа можност да дегустираат и македонска традиционална храна. Во рамките на програмата настапи и Македонското културно друштво „Охридски бисери“ со хорот „Моми бисерни“.