Изложбата „Врбјанска Чука: зрно по зрно, погача“ ќе биде отворена вечер во 19 часот во Заводот и музеј – Прилеп. Изложбата е резултат на десетгодишната соработка меѓу Заводот и музеј – Прилеп и Центарот за истражување на предисторијата, што беше насочена кон проучување на овој извонреден археолошки локалитет во Пелагонија.
На изложбата ќе бидат претставени најновите резултати од мултидисциплинарните истражувања меѓу повеќе македонски и европски институции, а кои дадоа сосема ново видување на овој значаен локалитет за македонската и за светската археологија. Тие ќе бидат изложени заедно со прекрасните артефакти откриени од целокупното проучување на Врбјанска Чука, со што, покрај научните сознанија, ќе бидат истакнати уметничките, стопанските и техничките достигнувања на едни од првите земјоделци во Македонија.
На изложбата ќе може да се посведочат убавините на секојдневниот и духовниот живот на населението што живеело на Врбјанска Чука пред 8 000 години.
 
                                     
                                     
                                    