Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб утре, на 23. септември ќе биде отворена изложбата „Заоѓања“ на истакнатиот македонски современ ликовен уметник, со богато портфолио на самостојни и групни изложби во земјата и странство, Никола Пијанманов.
„Изложбата на Пијанманов е културен настан кој претставува важен придонес во промоцијата на македонската современа уметност пред хрватската публика, и уште еднаш ја потврдува улогата на македонскиот КИЦ во Загреб како значајна платформа за афирмација на македонските уметници надвор од границите на Македонија како и вмрежување на македонските и хрватските уметници, овозможувајќи културен дијалог и размена помеѓу двете уметнички сцени“, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска.
Изложбата „Заоѓања“ се состои од дела кои се поврзани со една единствена тема или пресек на долгогодишните искуства на Никола Пијанманов со пејзажизмот кој ја третира слободната, енформелна естетика на пејзажот.