Во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб се одржа културна вечер на која беше претставена изложбата „Од Скопје до вечноста – Мајка Тереза и Загреб“, а концерт одржаа македонските музичари Владимир Лазаревски и Александар Стојчески.
Изложбата, подготвена од НУ Спомен-куќа на Мајка Тереза, преку четириесетина архивски фотографии и документи го прикажува животниот пат на Мајка Тереза, со посебен акцент на нејзината поврзаност со Загреб. Авторка е кустосот Цветанка Вучковска Митовска.
Во музичкиот дел настапија Владимир Лазаревски на обоа и Александар Стојчески на виола, со гостување на пијанистката Нина Костова. Настапот беше проследен со аплаузи од присутната публика.
Настанот е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам, насочена кон промоција на македонското културно творештво и унапредување на културната соработка меѓу двете земји.