Во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул е отворена изложбата „Простори на конјункција“ – проект на Националната галерија на Македонија што ја претставува современата македонска уметност.
Изложбата беше отворена од директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, и директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, кои во своите обраќања ја истакнаа важноста на ваквите проекти за доближување на македонската уметност и нејзините автори до турската публика, отворајќи нови простори за меѓусебна комуникација и културен дијалог. Вишиот кустос Маја Крстевска и кураторот Горанчо Ѓорѓиевски со своето присуство ја воведоа публиката во концептот на изложбата, откривајќи ги идејните насоки и симболичките слоеви на проектот.
Меѓу присутните гости на отворањето беа и двајца од авторите чии дела се дел од изложбата, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, а настанот го збогати и присуството на генералниот конзул на Македонија во Република Турција, г. Идрис Фазлиоски, како и претставници на турски културни институции и љубители на уметноста.
Во рамките на изложбата се претставени дела од: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Георги Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јовановски, Марико Исеини и Игор Сековски.
Изложбата останува отворена за сите љубители на уметноста до 31 октомври 2025 година во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул.