Во галеријата на Македонскиот културен центар во Истанбул на 19 декември (петок) во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата „Поема на атомите“ од македонскиот уметник Благојче Петровски.
Изложбата претставува духовно и визуелно истражување инспирирано од мислата на Руми и од иконописната традиција. Преку минималистички композиции, симболички знаци и внимателно користење на златната површина, Петровски создава тивок, но моќен сликарски јазик кој ја отвора темата за светлината, љубовта и внатрешниот ритам на создавањето. Делата функционираат како контрапункт на современиот материјалистички сјај, нудејќи простор за созерцание и духовна тишина.