По повод Меѓународниот ден на музеите, Археолошкиот музеј на Македонија, во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, на 18 мај 2026 година ќе организира изложба и панел-дискусија посветени на археолошкиот локалитет Исар – Марвинци, еден од најзначајните локалитети во Македонија и на Балканот.
Настанот ќе се одржи во просториите на Македонскиот КИЦ во Истанбул, каде што турската публика ќе има можност да се запознае со богатото археолошко и културно наследство на Македонија преку фотографии, археолошки наоди и визуелни материјали.
Во рамките на програмата ќе се одржи и панел-дискусија на која македонски археолози и истражувачи од Археолошкиот музеј на Македонија ќе ги претстават најновите сознанија и резултати од истражувањата на локалитетот Исар – Марвинци.