Македонската музичка сцена остана без еден од своите најзначајни и најсакани уметници. По кратко боледување, на 66-годишна возраст почина пејачот, автор и музичар Владо Јаневски, оставајќи зад себе богато музичко наследство што ќе живее преку неговите песни.
По повод неговата смрт, Министерството за култура и туризам изрази длабоко жалење, оценувајќи дека Владо Јаневски „со своето богато творештво остави неизбришлива трага во современата македонска музика.
Со неговото заминувањето, Македонија изгуби исклучителен музички уметник, но неговото творештво останува трајна вредност и инспирација за идните генерации. Неговите песни ќе продолжат да живеат во срцата на публиката и ќе останат нераскинлив дел од македонското културно наследство“, се вели во Фејсбук објавата на Министерството.
Владо Јаневски е роден на 27 ноември 1960 година во Скопје, каде дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и литература. Во текот на својата кариера беше член на групите „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а со еднаква умешност свиреше клавир, гитара и тапани.
Зад себе остави шест студиски албуми и безвременски хитови како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“, кои со децении се дел од македонската музичка меморија. Во 1998 година Јаневски стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Бирмингем, каде настапи со песната „Не зори зоро“.
Во својата богата кариера настапуваше и на бројни домашни и меѓународни фестивали, достоинствено претставувајќи ја македонската музика.