Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Ѓоргова на отворањето на изложбата за Живко Поповски: Архитектурата не е само уметност на градењето, туку и уметност на сеќавањето

Ѓоргова на отворањето на изложбата за Живко Поповски: Архитектурата не е само уметност на градењето, туку и уметност на сеќавањето

Во Музејот на современата уметност во Скопје вчера, во присуство на многубројни гости, архитекти, професори, студенти и љубители на архитектурата, беше отворена ретроспективната изложба посветена на влијателниот скопски архитект Живко Поповски – „Живот посветен на архитектурата“.

Државниот секретар Марија С. Ѓоргова во своето обраќање пред присутните истакна дека архитектурата не е само уметност на градењето, туку и уметност на сеќавањето, и дека во секоја зграда живее духот на времето, но и душата на оној што ја замислил.

Таа ја нагласи важноста на делото на Поповски, оценувајќи дека тој не е само име во историјата на современата македонска архитектура туку еден од нејзините носители, визионер кој остави неизбришливи траги во урбаното ткиво на  земјата.

„Архитектурата е јавно лице на културата. Таа е нашата заедничка сцена, просторот во кој го живееме секојдневието“, рече Ѓоргова, потенцирајќи дека оваа изложба не е само историски осврт, туку и силна порака до идните генерации: „дека архитектурата е избор кој носи голема одговорност, но и можност да се остави белег што го надминува времето“.

Државниот секретар ја истакна и поддршката од Владата и од Министерството за култура и туризам и нагласи дека таа претставува дел од посветеноста кон вреднување на архитектурата како значаен дел од нашето културно наследство и современ развој.

„Нека оваа изложба нè потсети колку е важно да се почитуваат творците што го обликуваат просторот, но и да се инспирираме сите дека со знаење, љубов и визија се создаваат дела што траат многу подолго од нашиот животен век“, рече Ѓоргова.

И токму затоа, додаде таа, делото на Поповски, а и делото на многу негови современици и наследници, мора да биде гласно споменувано, проучувано и вреднувано.

Мени за пристапност