В сабота, 17 јануари 2026 година, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи Ден на млада публика, како дел од официјалната програма на „European Young Audience Award“ – престижна награда што претставува официјална категорија на Европските филмски награди (European Film Awards).
На настанот во Скопје ќе учествуваат 50 – 60 ученици од основни и средни училишта, кои истовремено со илјадници нивни врсници од цела Европа ќе ги гледаат номинираните филмови и ќе гласаат за својот фаворит. Победничкиот филм ќе биде прогласен истата вечер, во рамки на свечената церемонија на Европските филмски награди.
Покрај филмските проекции, програмата вклучува и интерактивни дискусии, насочени кон развивање критичка мисла, медиумска писменост и филмска култура кај младата публика.
Настанот е во организација на Агенцијата за филм, во соработка со Европската филмска академија (European Film Academy) и Кинотеката на Македонија.