На 13.11.2025 (четврток) со почеток во 19:30 часот во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2025“. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина цртежи од авторите: Тања Соларска-Темелковски, Марина Цветановска-Мартиновска, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Александар Стефановски, Далибор Крстевски, Милена Арсовска, Миранда Беќири-Фазлиу, Валентина Илијевска и Стефан Анчевски.
Проектот „Скици 2025“ е замислен како биенална презентација на современиот цртеж на академските ликовни уметници од Куманово и во таа смисла, по деветти пат пред ликовната, но и пред пошироката публика ќе бидат претставени десет автори со своите дваесетина цртачки остварувања. Сметајќи го цртежот за важна компонента во реализацијата на едно ликовно дело, тимот на Секторот за визуелни уметности, архитектура и дизајн при НУ ЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово направи напор за вклучување академски уметници од повеќе специјалности (сликари, скулптори, графичари).