Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани оствари средба со постојаниот координатор на Обединетите нации во Скопје, Рита Колумбија, и со претставници на агенциите на ОН во државата. На средбата беа разменети мислења за унапредување на соработката во области од заеднички интерес, со акцент на улогата на културата во поврзувањето на заедниците, поттикнувањето дијалог и градењето инклузивно и одржливо општество.
Соговорниците го истакнаа значењето на потпишаната Рамка за соработка за одржлив развој 2026–2030, која ги насочува активностите на агенциите на ОН во земјата и е комплементарна со процесот на европска интеграција.
Министерот Сулејмани упати благодарност за поддршката во изработката на визибилити студијата за крајбрежјето на Охридскиот регион, која е на разгледување во Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и ја истакна заложбата на Владата за заштита на регионот.
На средбата беше нагласена важноста на меѓународната соработка и партнерства за реализација на проекти што ќе придонесат за развој на културниот и туристичкиот сектор. Беа презентирани и актуелните иницијативи на UNDP, UNOPS и UNEP, а беа споделени и размислувања околу реализацијата на проектот „Скопје-Европска престолнина на културата 2028“.
Координаторката Колумбија ја потврди подготвеноста на ОН за поддршка на проекти поврзани со одржливиот развој, еднаквите можности и активно учество на младите, уметниците и културните работници во општествениот и културниот живот.